Dnevnik - 03/09/99 - Уставниот суд укина 11 одредби од Законот за денационализација
Селективното враќање на одземените имоти е противуставно

Законот за денационализација стана беспредметен и неприменлив откако Уставниот суд укина вчера 11 одредби, со образложение дека имотот треба да им се врати на сите граѓани подеднакво, а не селективно, како што се правеше досега.

Судот потврди дека со важењето на одредбата биле создадени две категории граѓани, спротивно на Уставот: едните на кои имотот им бил одземен со присилни прописи наведени во законот, па поради тоа имаат право да бараат враќање на имотот, а другите, на кои исто така со присилни прописи им бил одземен имотот, но воопшто немаат право да бараат негово враќање, бидејќи прописот по кој го загубиле имотот не е наведен во членот 2 од Законот за денационализација.

Експертите се едногласни во тоа дека Законот за денационализација станал фактички беспредметен и неприменлив со укинувањето на одредбата, бидејќи е укината правната основа врз која би се применувале другите одредби. Со укинувањето на спорните одредби, Судот и укажува на државата дека во измените и во дополнувањата на Законот или евентуално во постапката за донесување нов закон за денационализација, треба да бидат вградени пораките од вчерашната одлука.

На тој начин завршија и маките на членовите на Здружението за заштита на интересите на сопствениците на одземените имоти. Тие уште пред донесувањето на законот тврдеа дека тој е неуставен. Уставниот суд вчера утврди дека здружението било право кога тврдело дека државата не ги опфатила сите присилни прописи со кои им бил одземан имотот на граѓаните. Имено, според Законот за денационализација, право да бараат враќање имаат само граѓаните на кои имотот им бил одземен по 2 август 1944 година, и тоа, само врз основа на законите за аграрна реформа и колониозација, за постапување со експроприраните и конфискуваните шуми, за национализација на приватните стопански претпријатија, за промет со земјишта и згради, за деловните згради и деловните простории и уште три други закони.

(С.С.)