Коментар
Денационализацијата во почеток

Уставниот суд укина дури 11 одредби од Законот за денационализација што го донесе владата лани. Така, денационализацијата стана фантомски пропис што е фактички беспредметен и практично неприменлив. Добро е што Уставниот суд дефинитивно му стави точка на проектот на старата власт за денационализација, кој во здружението на обесправените сопственици на одземените имоти го нарекуваа уште и закон за невраќање на одземените имоти. Укинатите одредби “од тепка” ги одредуваа условите за враќање на имотот. Со тоа се создадоа две категории граѓани - едни што имале среќа да се најдат во барабанот на старата власт и другите што таму ги нема. Законот предвидуваше и дека нема да се враќа градежното земјиште, ниту становите и куќите во кои живеат носители на станарско право.

Укинувајќи ги тие неправедни и ограничувачки одредби Уставниот суд поправи една голема неправда. Што е најважно, им отвори простор на Парламентот и на Владата да го решат проблемот во согласност со Уставот и начелото на правдата и правичноста.

Новата власт во никој случај не смее да го остави законот каков што е сега, без укинатите 11 одредби, бидејќи тоа ќе значи дека никој од засегнатите граѓани и нивните законски наследници нема да добие ништо од овој сега веќе фантомски пропис. Ова би било во спротивност и со ветувањето што коалиционите партнери што сега учествуваат во власта им го дадоа на граѓаните во предизборната кампања, како на пример ВМРО-ДПМНЕ. Таа најави транспарентна и правична денационализација, во која ќе биде вратено сй што останало од имотот, а другото ќе биде правично надоместено.